Македонија

Очекувавме Мицкоски да праша за одземеното оружје од југословенската армија на средбата со српскиот премиер, вели ВМРО-НП

„ВМРО-Народна партија беше во очекување и голема надеж дека новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ која демонстрира достоинствена политика на исправена кичма и одбрана на македонските државни интереси, на средбата со српскиот премиер ќе го постави прашањето на одземеното оружје од страна на југословенската армија кое се наоѓаше на македонската територија“, вели ВМРО-НП.

„Да ја потсетиме македонската помлада јавност дека при напуштањето на југословенската армија беше одземено оружје во вредност од една милијарда долари во тоа време, кое денеска сигурно би чинело неколку милијарди долари плус.

На тоа сакаме да го додадеме и заедничкиот капитал што требаше да биде поделен, а произлегуваше од недвижностите кои Југославија ги поседуваше во и надвор од земјата исто така и капиталот на македонските градежни фирми кои под закрила на српските компании тогаш работеа и градеа низ Ирак, Либија, Кувајт, а притоа останаа во рацете на српските фирми.

Ваквото премолчување на вакви крупни финансиски интереси на Македонија не можеме да го разбереме, а со оглед на тоа дека и не гледаме некаква надеж дека оваа Влада било кога би го поставила ова прашање, можеби е подобро и официјално со декларација на македонскиот парламент да го простиме тој долг на нашиот северен сосед кон Македонија, а со тоа и дополнително го зајакнеме пријателството помеѓу двете соседни држави“, соопшти ВМРО-НП.

На почеток