Свет

Поранешен шеф на Хамас кој преживеа обид за атентат: Ќе се издигнеме од пепелта

Водачот на Хамас во егзил Калед Мешал денеска изјави дека групата ќе се издигне „како феникс од пепелта“ и покрај големите загуби што ги претрпе за време на едногодишната војна со Израел и дека продолжува да регрутира борци и да произведува оружје.

Мешал рече дека конфликтот со Израел трае веќе 76 години, кој датира од она што Палестинците го нарекуваат „Накба“ или „катастрофа“, кога многу Палестинци беа раселени за време на војната во 1948 година што доведе до создавање на Израел.

„Историјата на Палестина е составена од циклуси. Поминуваме низ фази кога губиме маченици (жртви) и дел од нашите воени способности, но потоа палестинскиот дух повторно се крева, како феникs“, изјави Мешал за Ројтерс.

Мешал, кој преживеа обид за атентат во 1997 година, откако му беше вбризган отров и беше генерален лидер на Хамас од 1996 до 2017 година, рече дека Хамас сè уште може да се бори против израелските војници.

„Изгубивме дел од нашата муниција и оружје, но Хамас продолжува да регрутира млади луѓе и продолжува да произведува значителен дел од своето оружје и муниција“, рече Мешал, без да даде детали.

Мешал е еден од шесте лидери на Хамас кои беа обвинети за тероризам од американското Министерство за правда за нападот врз Израел на 7 октомври минатата година, пренесува Танјуг.

Тој рече дека не гледа шанса за мир се додека на власт во Израел е владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Се додека има израелска окупација, регионот е темпирана бомба“, рече Мешал.

Кабинетот на Нетанјаху одби да ги коментира изјавите на Мешал.

На почеток