Свет

Израел: За една година нападнавме 40.000 цели на Хамас во Газа и убивме 8 команданти

Во последната година, Израел бомбардираше повеќе од 40.000 цели во Појасот Газа, пронајде 4.700 тунели и уништи 1.000 локации за ракетирање, објави израелската војска на годишнината од нападот на Хамас што предизвика израелска одмазда.

Пребројувајќи ги загинатите војници чии имиња добила дозвола да ги објави, израелската армија објави дека од 7 октомври 2023 година биле убиени 726 израелски војници. Од нив, 380 загинале во нападите на 7 октомври, а 346 во борбите во Газа, кои започнаа на 27 октомври 2023 година.

Од тој датум, бројот на повредени војници е 4.576. Педесет и шест војници загинаа како резултат на различни оперативни несреќи, кои армијата не ги дефинираше.

Во бројките за комеморацијата на 7 октомври, израелската војска соопшти дека од почетокот на војната регрутирала 300.000 резервисти – 82 отсто мажи и 18 отсто жени. Речиси половина од нив се на возраст од 20 до 29 години.

Од почетокот на војната, од Газа врз Израел се истрелани 13.200 ракети. Уште 12.400 биле испукани од Либан, додека 60 дошле од Сирија, 180 од Јемен и 400 од Иран, соопшти војската.

Се додава дека убила повеќе од 800 „терористи“ во Либан, каде од воздух биле погодени 4.900 цели заедно со околу 6.000 цели на земја. Во текот на изминатата година, Израел уапси повеќе од 5.000 осомничени на Западниот Брег и долината на Јордан.

Војската соопшти дека убила осум команданти на милитантната бригада во Газа, околу 30 команданти на баталјони и 165 команданти на чети во текот на минатата година.

Војната во Газа започна кога палестинските милитанти на Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи околу 250 заложници, според израелските податоци. Повеќе од 100 заложници сè уште се држат од Хамас.

Во израелскиот воен напад врз Газа, според Министерството за здравство на Газа, загинаа речиси 42.000 Палестинци.

На почеток