Свет

Палестинци: Израел истрела проектили кон бегалски шатори, најмалку 25 мртви

Цивилната одбрана на Палестина денеска соопшти дека 25 лица загинале на неколку локации во Појасот Газа во израелските воздушни напади врз шатори во кои се сместени раселените лица.

„Најмалку 16 лица загинаа, главно жени и деца, а уште 23 се повредени откако два израелски проектили директно погодија неколку шатори каде раселените семејства престојуваа во областа Ал-Маваси во Кан Јунис на југот на палестинската територија“, изјави за АФП портпаролот на цивилната одбрана Махмуд Басал.

Во друг напад на шатор за раселени лица, во Беит Лахиа на северот на Појасот Газа, загинаа седум лица, „главно жени и деца“, а 13 беа ранети, додаде тој.

Дете и неговиот татко беа убиени, а 13 лица беа повредени во трет напад на населба со шатори, исто така во близина на областа Ал-Маваси, рече тој.

Израелската армија, контактирана од АФП, се уште не ја коментира оваа информација.

Новинската агенција Анадолу пишува дека по бомбардирањето, во Хан Јунис избувнал голем пожар кој ги зафатил импровизираните засолништа, додека жителите се обидувале да ги спасат луѓето заробени во запалените шатори. Во нападот изгореа некои цивили.

На почеток