Правна голгота и тромозење: Правдата за загинатиот пешак кај мостот „Гоце Делчев“ не е ни на повидок, откако пресудата беше укината
Нецели три години се развлекува постапката во која се лоцира одговорноста кај кумановката Гордана Филиповиќ, која со „БМВ Х5“ удри во сега загинатиот Слободан Ангеловски на мостот „Гоце Делчев“ кај МНТ. Судијката Елена Илиевска Јосифова во октомври 2023 изрече затворска казна од 3 години која во мај 2024 година беше укината бидејќи во предметот нема супервештачење, а до денеска судењето не може да започне да се суди одново. Судијката Џенета Бектовиќ која требаше да ја суди повторената постапка во Кривичен суд, замина да биде член на Судски совет, па денешното рочиште беше одложено. Кој и од кога ќе почне да го суди овој судски процес – засега никој не знае.
За цело ова време, семејството Ангеловски очекува да се дознае вистината за загинатиот Слободан, кој бил во „Водовод“ да плати сметки, а дома не се вратил и загина на пешачки премин. Апелација смета дека пресудата не може да опстои, бидејќи во предметот има три вештачења, од кои двете на Обвинителството и оштетеното семејство се совпаѓаат, а третото кое го нарачала обвинетата – носи сосема други факти и околности. Па затоа, предметот го укина и побара Кривичен суд да го суди одново, но, прво да обезбеди супервештачење.
“Судот пропуштил да ги утврди сите решителни факти во предметот кои се од битно влијание за одлучување во конкретниот кривично-правен настан, прадо што, обжалената пресуда не може во целост и со сигурност да се испита во однос на нејзината правилност и законитост…. Првостепениот суд ќе треба да нареди супервештачење, при што со сигурност ќе ја утврди брзината на движењето на возилото на обвинетата, како и да го утврди придонесот на учесниците за настанување на сообраќајната незгода, како и правецот, мстото на кој дел од пешачкиот премин и на која сообраќајна лента пешакот изгубил рамнотежа и паднал, евентуалните причини кои довеле до губење на рамнотежата и пад на истиот, како и дали доказот доставен од законскиот записник на покојниот изготвениот вешт наод и мислење може да биде релевантно ценет со оглед дека оваа постапка се води по службена должност на ЈО, каде единствен овластен да предложи и побара изготвување на вешт наод и мислење има јавниот обвинител“, стои во пресудата на Апелација.
Ова образложение ќе значи ново тормозење на семејството Ангеловски. Прво ќе треба да чекаат да се најде нов судија кој ќе го земе предметот во работа. Потоа, да се одреди рочиште за прво судење. Предметот нема да биде приоритет на судијата бидејќи не е притворски, а тоа значи дека може да се одржува и по едно рочиште и на два месеци. Судијата по воведните зборови и изјаснувањето за вина на обвинетата Филиповиќ, ќе треба да нареди супервештачење. И тука има нова кочница, бидејќи супервештачењето може да се изработува и неколку месеци – со оглед на праксата која се гледа низ судовите изминативе години.
Овој предмет, во претходната постапка во Кривичен суд, стоеше девет месеци во фиока, додека се чекаше судот да го оцени, а АКМИСОТ да го распредели кај судија.
Обвинетата Филиповиќ е мајка на кумановката Јелена која имаше 17 години, а пред три години исто така загина во сообраќајна несреќа. Возачот кој ја прегази доби 7,5 години затвор.