„Нема закана, туку укажување“ – судска медицина под притисок од прашања, Лешко три месеци ја чека обдукцијата за починатиот син
Потрагата по одговори на семејството Лешко за нивниот починат син, за кој трет месец немаат обдукциски наод, за Судска медицина е притисок. Ова е објаснувањето на директорот, проф. д-р Александар Станков за „Скопје1“, кога го прашавме зошто се упатени закани кон мајката Кате Лешко, која се јавила да бара одговори – дали од струен удар, природна смрт или трета причина, таа го закопа нејзиниот 19-годишен Љупчо. Станков децидно негира дека станува збор за закани, туку укажување.
„Родителите и блиски роднини на покојниот во повеќе наврати се примени на разговор во Институтот за судска медицина, со нив е дополнително разговарано и им е дадено објаснување. Закани за кривична пријава кон нив немало од ниту еден вработен во Институтот, туку им е укажано дека вршењето на притисок врз службено лице може да резултира со кривична пријава. Работата на нашиот Институт не е брзо завршување на обдукционите наоди, туку нивно прецизно, точно и со докази и анализи поткрепено изготвување“, вели директорот Станков за „Скопје1“.
Побаравме одговор, зошто три месеци по аутопсијата, се уште немаат изготвено наод од што почина диџеј Љупчо, на приватна забава во Скопје, каде бил најмен да пушта музика.
„Се работи за многу комплексен случај за кој е потребно подолго време за анализи, се со цел да се обезбедат квалитетни и прецизни докази според кој ќе се донесе заклучок за причината за смртта. Се работи за случај кој е во фаза на истрага која според Законот за кривична постапка е тајна“, додава директорот Станков за „Скопје1“.
Го прашавме и колку обдукциски наоди се несработени, иако аутопсиите се завршени, на што не добивме конкретен одговор.
„Тоа е мојот одговор на сите ваши прашања. Друго немам што да додадам“, посочува Станков.
Наместо одговор од што починал нивниот син, родителите на починатиот Љупчо добиле закани од Судска медицина. Ова го просведочи мајката Кети Лешко во „Претрес“.
Три месеци поминаа од трагедијата кога на приватна забава во Радишани, Љупчо почина од засега недокажан струен удар.
Мајката во поткастот „Претрес со Ландов“ кажа дека нема да престане да трага по одговори и детали за смртта на нејзиниот син. Посочи дека никакви, како што кажа, закани, нема да ја заплашат или поколебаат. Споменувањето на кривична одговорност од страна на вработена во Судска медицина за неа е закана, а не „укажување“ како што велат оттаму.
Родителите сведочат како работат институциите: