Македонија

Обвинетиот за убиството на Вања и Панче, вратен во ќелија: добро му е здравјето, останува во притвор

Боре Видевски, обвинет за убиството на малата Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, е вратен во затворот „Скопје“ во Шутка. Ова доаѓа откако тој претходно беше задржан на Клиниката за нефрологија, поради проблеми со бубрегот. Директорот на затворот, Бобан Утковски за „Скопје1“ посочува дека сега обвинетиот е во добра здравствена состојба.

„Притвореникот за кого покажувате интерес е вратен од болничко лекување во затворот ‘Скопје’ и е во добра здравствена состојба“, вели Утковски за „Скопје1“.

Видевски остана околу осум дена на болничко лекување. Извори ни тврдат дека Видевски има еден бубрег и тоа дониран, за кој треба да прима терапија. Ова не е првпат Видевски да биде носен на проверки на Клиника, по негови поплаки за влошена состојба.

Поради влошената здравствена состојба на Видевски, беа одложени две рочишта за убиството на Вања и Панче. Претходно, сите обвинети, сосе оние кои во текот на истрагата признаа вина – пред судот, негираа дека ги сториле делата.

Обвинителот останува на тврдењето дека целта на грабнувањето на Вања било да се присили член на семејството да даде откуп за детето, но и дека имало комуникација помеѓу таткото Ѓорчевски и Палевски. Грабнувањето било по излегување од лифтот, па со украдениот „цитроен“ од убиениот Жежовски, била однесена на ридот кај Скопска Црна Гора. Според обвинителката, планот за откупот не се реализирал, бидејќи Вања се барала преку апел на социјалните мрежи, по што била убиена и закопана во дупка. Панче Жежовски, според обвинителот, бил убиен за да му се одземе возилото „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето. Тој имал претходни познанства со дел од обвинетите.

14-годишната Вања беше пријавена за исчезната на 27 ноември, а велешанецот Панче на 24 ноември. Нивните тела беа пронајдени на 3 декември. Во врска со двата случаи, осомничени се пет лица, од кои тројца (Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски) признаа вина.

На почеток