Чувствувам болка и агонија, се ставам на располагање на судот и кога се ќе се потврди, тогаш ќе ја барам Вања, рече обвинетиот татко пред судот
Александар Ѓорчевски, татко на Вања Ѓорчевска и обвинет во процесот за нејзиното грабнување и убиство, побара од судот да му дозволи да помогне во расветлување на целиот случај. Ѓорчевски, кој кога Вања беше исчезната самиот водел истрага за да го најде девојчето, рече дека работата би ја расчистил со имиња и презимиња. Смета дека тоа му е должност како родител.
„Чувствувам болка и агонија која не може да се објасни со зборови. Но сепак, од друга страна чувствувам и обврска и кон Вања и кон Мина, нели… Дека се ставам на располагање, за да се разреши целата оваа работа и конечно во детали, со имиња и презимиња. Со тоа што го наведе мојот адвокат, кога дефенитивно ќе се потврди, тогаш ќе бидам слободен. Тогаш нема да бидам на располагање на судот, тогаш ќе ја барам Вања“, рече Ѓорчевски.
Тој е обвинет дека му дал информации на Љупчо Палевски-Палчо, обвинет како планер и реализатор на убиствата, со давање информации кога Вања ќе биде сама и кога да ја грабнат. Но и двајцата, негираа дека се познаваат и дека некогаш имале било каков контакт. Адвокатот Владимир Туфегџиќ, посочи дека тоа го говорат и доказите на Обвинителството, а во детали образложуваше за случајот.