Македонија

Ѓорчевски во солзи, додека адвокатот зборуваше: Децата биле сопственици на становите на Александар, обвинението е без клучни докази, тој нема вина

Владимир Туфегџиќ, адвокат на Александар Ѓорчевски, кој пак е татко-обвинет на убиената Вања Ѓорчевска, кажа дека ќе докажат дека нема никаква вина. Според Туфегџиќ, ќе докажат дека нема поврзаност помеѓу Ѓорчевски и другите обвинети во постапката. Адвокатот беше дециден дека обвинителот нема ниту еден доказ за било каква вмешаност или контакти.

„Имајќи го предвид описот на поднесениот обвинителен акт за обвинетиот Александар Ѓорчевски, одбраната со предложените вербални и материјални докази ќе докаже дека обвинението по однос на овој обвинет е во целост неосновано, неаргументирано, паушално и засновано на претпоставки кои не наоѓаат своја поткрепа во доказите. Одбраната ќе докаже дека токму неосновано обвинетиот Александар е жртва и оштетен во оваа постапка, заедно со неговото семејство и ќе докажеме дека Александар во критичниот период постапил на начин на кој би постапил секој родител во ситуација кога се трага и бара неговото исчезнато дете“, рече Туфегџиќ и додаде:

„Одбраната ќе докаже дека Александар, иако разведен, бил исклучително поврзан, одговорен и посветен родител кон своите деца и имал висок степен на грижа за нив на дневна основа. Одбраната ќе докаже дека токму состојбата на паника, страв, вознемиреност и внатрешното растројство поради исчезнувањето на детето кај Александар била злоупотребена на начин што дејствијата, кои во таква стресна состојба самиот ги преземал откако одлучил самиот да води истрага во обид по секоја цена да го пронајде сопственото дете, се потполно погрешно протолкувани и истото довело до потполно погрешен заклучок за неговата евентуална поврзаност или било каква инволвираност во овој кривично правен настан. Имено, одбраната ќе докаже дека обвинетиот Александар ниту ги познава останатите учесници во постапката, ниту има било каква поврзаност помеѓу него и останатите обвинети во оваа постапка.

Имајќи предвид дека правна претпоставка за постоење на ова кривично дело е постоење на умисла кај сторителот, одбраната ќе докаже дека застапникот на обвинението нема ниту еден доказ дека овој обвинет имал било каква поврзаност со останатите учесници во овој кривично правен настан, ниту дека имал умислен придонес во извршувањето на кривичното дело на друг, откако извршителот донел одлука за неговото извршување. Со предложените докази одбраната ќе докаже дека вака поднесеното паушално и неосновано обвинение за овој обвинет е резултат пред сѐ на неправилно водена истражна постапка и повреда на сите приципи на кои почиваат основите на криминалистичката истрага,  процесот и методот на криминалистичкото профилирање, чија што основа претставуваат исклучиво доказите кои требало да се анализираат, со цел точна и неспорна идентификација и утврдување на личноста на извршителот.

Во оваа смисла, одбраната ќе докаже дека ваквото обвинение за овој обвинет е резултат на прекршување на основните принципи на кои почива истражната постапка и криминалистичка истрага, во која воопшто не е применет метод на криминалистичко профилирање и не е направена прелиминарна анализа на информациите, ниту е направена нивна организација и диференцијација, ниту била формирана основа на структурата за одлучување со примена на методот на дедукција. Имено, за да се формира финален профил на извршителот лицето кое врши профилирање требало да изврши мисловна реконструкција на текот на кривичното дело, со цел да се утврди како е планирано и извршено кривичното дело, како е извршена селекција на жртвата и каква била мотивацијата на извршителот на кривичното дело.

Во погоренаведената смисла одбраната ќе докаже дека во текот на постапката ниту едно од погоренаведените дејствија за овој обвинет не е извршено на начин на кој упатуваат правилата и принципите во криминалистичките истраги. Токму со доказите на обвинителството одбраната ќе докаже дека доказите од видео надзорот врз основа на кои се темели обвинението се обезбедени и прибавени токму од обвинетиот Александар и тоа со знаење, согласност и со напатствија од полициските службеници, кои учествувале во истражната постапка и кои одбраната со листата на докази предложи да бидат директно испитани.

Овие полициски службеници биле во директен контакт со обвинетиот во критичниот период и разменувале сознанија и податоци, па од тие причини одбраната предлага листата на докази да бидат директно испитани на овие околности.

Со предложените вербални и материјални докази одбраната ќе докаже дека е неоснована и неприфатлива тезата на застапникот на обвинението за постоење на мотив во остварување на материјална корист кај обвинетиот Александар, бидејќи според предложените докази на одбраната, неколку месеци пред критичниот настан неговите деца, покојната Вања и нејзината сестра Миња, веќе биле даночни обврзници на предметните станови на кои алудира застапникот на обвинението, дека биле мотив за извршување на кривичното дело и станале сопственици врз основа на договор за подарок склучен токму од сега неосновано обвинетиот Александар во својство на дародавател.

Одбраната ќе докаже дека во поднесениот обвинителен акт недостасуваат клучни кредибилни докази доволни за докажување на вина, суштествени за остварување на законското битие на кривичното дело кое на обвинетиот му се става на товар и од тие причини одбраната убедена во невиноста на овој обвинет, од судот бара за овој обвинет презентацијата на доказите на обвинителството да биде направена на начин, што, со примена на техничките сретства на судот, ќе биде презентиран и образложен секој доказ или група на докази поодделно, за кои застапникот на обвинението смета дека од нив произлегува поврзаноста и основаното сомневање дека токму Александар е сторител на кривичното дело кое му се става на товар.

Во текот на оваа постапка одбраната со силата на правните аргументи и предложените докази ќе докаже дека Александар, наместо да има својство на оштетен и жртва во оваа постапка, бил изложен на тортура, нечовечко и понижувачко постапување од страна на дел од полициските службеници, како и на дел од припадниците на затворската полиција, а сѐ со цел да му биде изнудено признание на вина по секоја цена, за кое нешто е навремено известен застапникот на обвинението и затоа во оваа смисла бараме да бидат изведени предложените материјални докази и медицински извештаи за констатираните повреди, како и извештајот на Хелсиншкиот Комитет за човековите права“, рече Туфегџиќ.

На почеток