Бугарскиот европратеник Ковачев: Ќе бараме ВМРО-ДПМНЕ да ја исклучат од ЕНП
Ја информиравме Европската народна партија за однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и ќе побараме да се иницира процедура за исклучување на таа партија од ЕНП, изјавил за БНТ европратеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев, пренедуваат бугарските медиуми.
„Мислам дека тие (мислејќи на ВМРО-ДПМНЕ) на секој начин докажуваат дека сакаат да бидат со Фидес, партијата на Орбан. Тоа си е нивна желба и тие многу се оддалечуваат од вредностите на ЕНП и европската демократија“, изјавил Ковачев, пренесуваат бугарските медиуми.
Според него, Бугарија не дала повод за таква провокација, напротив се однесувала „исклучително цивилизирано и европски”.
„Тие апсолутно го погазуваат Договорот за добрососедство. Тој е одобрен од парламентите во двете земји и во него е запишано дека Северна Македонија и Бугарија имаат заедничка историја и тоа не може да се фалсификува“, изјавил Ковачев.
Коментирајќи ги изјавите на македонскиот вицепремиер Александар Николоски за отсуството на македонско знаме на средбата на Радев и Сиљановска, бугарскиот европратеник изразил увереност дека зборовите на Николоски биле координирани со Мицкоски.
„Се покажува јасна желба на сегашното раководство на Република Северна Македонија да не продолжи по патот на европската интеграција. Си бараат некаков изговор пред нивната јавност зошто тоа не може да се случи, а изговорот е, се разбира, со оцрнување на Бугарија“, вели Ковачев.