Македонија

Таткото на Вања ќе сведочи како трагал по ќерка му, за да го убеди судот дека не помагал на групата на Палчо

Таткото на Вања, Александар Ѓорчески, обвинет за помагање на групата која ја грабна неговата ќерка, ќе сведочи пред судот. Тој ќе даде своја одбрана, а ќе го испрашуваат неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ, обвинителките, судот. Тој ќе треба да објасни што правел критичните денови кога неговата ќерка ја немало, како и да ја сузбие теоријата на Обвинителството дека дал информации кога убиеното девојче ќе излезе од дома, за да може да биде киднапирана. Со овие тврдења, обвинителките тргнаа да докажуваат вина кај Ѓорчевски, иако во текот на судењата сите обвинети кажаа дека не го познаваат, ниту имале контакт, а ниту слушнале Палевски да има контакт со него. Обвинението за него, дојде и по тврдење на еден инспектор кој бил вклучен во потрагата, дека Ѓорчевски се однесувал „чудно“ и дека постојано велел дека неговата ќерка е киднапирана.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

На почеток