Филипче по победата во СДСМ: Почнуваме со анкети за локални, но и борба со најнеспособната Влада


Старо-новиот претседател на СДСМ, Венко Филипче, се заблагодари за довербата на членовите и посочи дека се подготвуваат за локалните избори, како и за борба со Владата. Тој посочи дека Владата е неспособна, а за локалните избори најави лица кои ќе имаат кредибилитет.
„Ова не е само моја победа, туку заедничка победа, на сите членови на СДСМ кои искрено веруваат во правичноста, напредокот, еднавкоста. Тоа што добив дупло повеќе гласови од претходниот пат е потврда дека нашата интензивна работа дава резултат. Ова е доказ дека изборниот процес не е технички организиран, туку членовите веруваат во нашите политики. И така ќе продолжиме, секојаидеја ќе биде добро анализирана, скеој ќе биде слушнат, а ако е добра ќе биде вградена во нашите политики“, рече Венко Филипче, реизбраниот претседател на СДСМ.
Тој рече дека првата борба се локалните избори, па најави дека почнуваат со анкети помеѓу членството, но и граѓаните. Прашан дали ќе има коалиција со ДУИ, Филипче рече дека засега немаат разговори.
„Во следниот период почнува сериозната припрема за локалните избори. Ќе ги избереме луѓето кои најдобро ќе нѐ претстават, луѓето кои ќе имаат кредибилитет да излезат во своите средини, пред своите пријатели и познаници, луѓе на кои ќе може да се верува дека ќе ги исполнат програмите. Ќе се бориме во многу општини со политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ. За жал, нивните градоначалници не ги водат општините како што треба, нема проекти за доброто на граѓаните. Тоа го гледаме преку Градот Скопје, видете на што ни личи метрополата. Нема редовен превоз, нема чисти улици, нема проекти“, рече Филипче.
Посочи дека втората тешка борба е борбата со Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ.
„Понеспособна Влада државава немала никогаш до сега. Затоа имаме обврска кон граѓаните да покажеме дека сме спремни, дека умееме и знаеме да се бориме за доброто на државата, дека ќе ја вратиме на европскиот пат. Нема ни една област и свера во која добро се случува“, додаде Филипче.
Тој и порача на Владата дека СДСМ е силна, спремна и консолидирана, дека се враќаат на победничите патеки.
