(Видео) Не очекувам обвинителот да се предаде, а докази против Александар – нема, порача адвокатот Туфегџиќ


Адвокатот Владимир Туфегџиќ, откако неговиот клиент Александар Ѓорчески сведочеше како обвинет во постапката за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, рече дека не очекува јавниот обвинител да се предаде, што би требало да значи, повлекување на обвинение. Порача дека Ѓорчевски е спремен да одговори на секое прашање на идното рочиште, кое е закажано за во петок.
„Јас не очекувам дека јавниот обвинител така едноставно ќе се предаде. Јасно му е на Јавното обвинителство дека аргументи и докази против Александар – нема. Она на што тие одат дека се аргументи и докази – не можат да бидат докази и аргументи во кривична постапка. Реален доказ против Александар не е изведен. Оставам на совеста на Јавното обвинителство како ќе одлучи, а секако конечната одлука ќе ја има судот“, рече Туфегџиќ.
Тој посочи дека нема причина за да не му верува на Ѓорчевски, одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата од обвинетиот кон инспекторите кои изјавија дека тој бил незаинтересиран во потрагата по неговата ќерка.
Тој додаде: „Јас му верувам на Александар и треба да му се верува на Александар бидејќи токму по однос на полициските службеници, даде многу јасен и категоричен опис акко и на кој начин постапувале и го потврди она што јас како бранител го тврдам од прв ден, тоа е немање на унифицирани стандарди за постапување во ваков случај“.
