Со пречкртување му биле поправани оценките на судијата кој досуди две години затвор за возачот кој ја усмрти Теодора, утврдиле Антикорупционерите – отворен бил и предмет


Ељведин Ферати е судијата кој досуди двегодишна затворска казна за возачот кој смртоносно ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска во Тетово. Делото за кое Ферати му судеше на Менсур Пајазити е тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, за кое казната е до пет години затвор, а досуди две години. Името на судијата Ферати не се појавува првпат во јавноста, а за него имаше и предистрага од страна на скопското Обвинителство, откако Антикорупциската комисија утврди дека си ги поправал оценките на Тетовскиот универзитет со пречкртување.
Судијата Ферати дипломирал како дел од шестата генерација слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители. Тој, се пријавил дека има оценка 8,20, додека во дипломата за завршени студии по право на Тетовскиот универзитет, имал просек 7,88. Ова го утврди и соопшти Антикорупциска во декември 2023 година.
Тогаш беше посочено дека кога Државниот инспекторат влегол во Тетовскиот универзитет, во матичната книга, кај Ферати имало поправено три оценки со пречкетување, а истите биле поправени со повисоки.
По ова, во септември минатата година беше отворена предистрага. Скопското Обвинителство за „СДК“ тогаш изјави дека постапува и презема дејствија за да ги испита овие тврдења.
„Скопје1“ пред објава на текстот, испрати прашања до Обвинителството, за тоа што е утврдено во предистражната постапка поведена за судијата Ферати. Одговори очекуваме во текот на утрешниот ден.
Тетовскиот судија, по вработувањето во 2020 година судел во граѓанска област, а сега суди кривични предмети. Правосуден испит положил во 2012 година.
За предметот за 22-годишната Теодора имаше и пресуда која Врховен суд ја укина. Тогаш, возачот, бил осуден на три години и шест месеци затвор. Пред Врховен суд, постапила Апелација ја намали казната на две години, истата која беше изречена и во повторената постсапка по признание на вина.
