Велибор ни кажа дека Љупчо Палевски го убил Панче, му пукал со пиштол во тилот, сведочеше ексначалник на СВР Велес
Поранешниот началник на СВР Велес Ристе Самарџиев сведочеше денеска за исчезнувањето на Панче Жежовски од Велес.
Самарџиев кажа дека прво бил лоциран мобилниот телефон на жртвата. Тоа било третиот ден од исчезнувањето. Кога потоа го нашле и запалениот цитроен во околината на Скопје, сфатиле дека човекот е можеби убиен.
На прашање на обвинителката на денешното судење за двојното свирепо убиство, тој одговори дека уапсениот Велибор Манев ги однел кај запаленото возило.
„Панче и Велибор имале долга врска, релација од три години“, кажа сведокот.
Сведокот изјави дека Велибор му го посочил местото каде што е закопана Вања, а потоа и местото каде што е закопан Панче.
Тоа било место викано „Дупка“.
„Викнавме пожарна тие дојдоа да ја откопаме дупката и да го извадиме“, додаде сведокот.
„Велибор ни кажа дека Љупчо Палевски го убил, му пукал со пиштол во тилот. Пронајдена беше и чаурата“, сведочеше Самарџиев.
На прашање на судијата, сведокот кажа дека мобилниот телефон му го пронашле 4-5 дена по пријавување на исчезнувањето.
„Кога ја видовте снимката од бензинската пумпа на која се гледа Панче во автомобилот ден пред да го грабнат“, праша судијата.
„Тие снимки ги гледаа и ги анализираа надлежните колеги и мислам дека тоа беше веднаш по пријавувањето на исчезнувањето на Панче“, одговори тој.
Судењето продолжува в петок, со нови сведоци на обвинителството.