Мицкоски и министерот за дигитална трансформација, Андоновски го означија стартот за изработката на Националната ИКТ Стратегија
Денеска Претседателот на Владата и Претседател на Националниот совет за дигитална трансформација, проф. д-р Христијан Мицкоски, заедно со министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, го одржаа првиот состанок на секторската работна група за изработка на Националната ИКТ Стратегија. “Целта е да се дефинираат активностите на институциите и Владата за дигиталната трансформација на државата. 7 години нема стратешки документ по кој може да се постапува. Затоа Стратегијата ќе биде најголемиот и најкомплексниот стратешки документ во областа на дигиталната трансформација на кој ќе работат преку 50 експерти во областа.“, истакна Андоновски.
За министерот Андоновски, оваа стратегија ќе ги постави темелите на дигиталната трансформација во Македонија. „Ова е многу важен документ затоа што ќе ги исцрта активностите во наредните 4 години и ќе ја постави визијата и на министерството и на Владата за процесот на дигиталната трансформација. Таа ќе биде поврзана со клучните документи на ЕУ, особено агендата 2030 за дигитална трансформација, но и со други стратешки документи кои се од значење на државата.“
Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека: Националната ИКТ стратегија е клучниот документ кој ќе ги води сите наши напори и активности во однос на дигиталната трансформација, според кој ќе се мерат напредокот и достигнувањата на ова поле. Неопходно е да чекориме во ист ритам во свет кој напредува со огромна брзина, а пристапот до дигиталните технологии и нивно подведување во функција и интерес на човекот и нивното правилно искористување отвора нови хоризонти и перспективи за сите. Важно е да се разбере дека дигитализацијата не претставува една, монолитна работа, туку опфаќа низа комплексни, меѓусебно поврзани и комплементарни чекори. За да чекориме по вистински пат важно е да се знае од каде поаѓаме, како и каде се движиме. Внимателен, сеопфатен, стручен и структуриран пристап е клучен предуслов за дигитална трансформација и последователно, општествен развој во согласност со светските текови – изјави премиерот Христијан на денешната прес-конференција.
Министерот за дигитална трансформација, Андоновски ја нагласи важноста на овој чекор за иднината на земјата: „Со оваа стратегија, ние не само што ќе ја зајакнеме конкурентноста на Македонија, туку и ќе создадеме дигитален екосистем кој ќе го подобри животот на секој наш граѓанин“.
Стратегијата ќе опфати широк спектар на области, од развој на дигитална инфраструктура и унапредување на дигиталните вештини на граѓаните, до модернизација на јавните услуги, иновации и поддршка на дигиталната трансформација на бизнисите. Целта е да се создаде сеопфатен пристап кој ќе ги адресира сите аспекти на дигиталното општество. Процесот на изработка на стратегијата ќе биде инклузивен и транспарентен, со активно вклучување на сите релевантни чинители.
„Во работата имаме инклузивен пристап. Затоа, ги повикуваме сите – од ИТ експертите до комори и заинтересирани граѓани – да се вклучат и да ги споделат своите идеи.“, додаде министерот.
Се очекува финалната верзија на Националната ИКТ Стратегија да биде предложена на Националниот Совет и Владата во наредните месеци, по што ќе следи нејзино усвојување и имплементација. Овој чекор се смета за клучен во процесот на модернизација на државата и нејзиното приближување кон европските дигитални стандарди.