Андоновски: Нема да дозволиме корупцијата и приватниот интерес да надвладеат над сајбербезбедноста


Денеска, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, учествуваше и се обрати на конференцијата „Business and Government: Aligning for a Secure Digital Future”, организирана од Американската стопанска комора. На настанот, кој собра повеќе од 150 учесници од бизнис заедницата, владини институции, меѓународни организации, граѓанскиот сектор и ИКТ професионалци, министерот Андоновски ја истакна важноста на соработката меѓу власта и приватниот сектор во процесот на дигитализација.
„Оваа конференција ни дава исклучителна можност да разговараме отворено и да ги усогласиме приоритетите на бизнис секторот со владините иницијативи, да дискутираме за модернизација на регулаторната рамка и да најдеме начини како заедно да го прошириме пристапот до електронските услуги,” нагласи министерот Андоновски.
„Како Влада нема да дозволиме корупцијата која го владееше јавниот сектор, мотивирана и од приватниот интерес на компаниите негативно да влијаат на системот на сајбербезбедност.“
„Во изминатите три месеци скоро го дуплиравме бројот на достапни електронски услуги, а бројот на поднесени барања на порталот за е-услуги, uslugi.gov.mk е зголемен за над 150%.“, истакна Андоновски.
Министерот додаде дека заедно, Владата и бизнис секторот можат да креираат дигитален екосистем, кој не само што ќе се прилагоди на денешните потреби, туку и ќе ги предвиди можностите на новото време. „Знам дека за многумина од вас времето е пари, а инвестициите бараат сигурност. Затоа, ќе создадеме околина каде вашите дигитални иновации ќе можат да растат и да се развиваат. Ќе поставиме јасни правила на игра, ќе обезбедиме модерна инфраструктура и ќе се погрижиме сите наши напори да одат во иста трансформативна насока“, истакна министерот во своето обраќање.
Конференцијата „Business and Government: Aligning for a Secure Digital Future”, е организирана од Американската стопанска комора со цел да се поттикне фокусирана дискусија за начините на кои бизнисот и власта можат да соработуваат за да ја забрзаат дигиталната трансформација и да преземат конкретни чекори кон дигитализација на институциите, бизнисите и општеството во целина.
