Свет

Германците ги подигнаа борбените авиони, пресретнаа руски шпионски авион

Германија подигна борбени авиони и ги испрати да пресретнат руски разузнавачки авион во последниот воздушен инцидент меѓу членката на НАТО и руската авијација, пренесува Newsweek.

Руски авион Иљушин Ил-20 е откриен над меѓународните води меѓу островот Риген и данскиот Борнхолм. Германија веднаш подигна два „Еурофајтери“ од аеродромот Росток-Лаге за да „воспостави визуелен контакт“ над Балтичкото Море со рускиот авион, чиј транспондер беше исклучен.

Според германските медиуми, Иљушин Ил-20 често се користи за радио-извидување и собирање разузнавачки информации за земјите од НАТО.

Тоа е последен во серијата воздушни инциденти во кои руски авиони беа забележани во близина на чувствителни европски локации. На крајот на септември, авионите на НАТО пресретнаа шест руски авиони за само два дена, додека германските и шведските ловци пресретнаа уште еден авион Ил-20 во август.

Newsweek потсетува дека единиците за воздушен надзор на НАТО алијансата извршиле околу 200 пресретнувања на руски авиони над Балтикот во 2023 година и околу 190 во првите девет месеци од оваа година.

На почеток