Македонија

Трипуновски: Работиме на враќање на довербата на земјоделците кон институциите бидејќи тоа е клучниот момент зошто се намалува производството во Македонија

„За жал Македонија минатата година има потрошено над една милијарда евра за храна. Она што ние го правиме како стратегија е првин да ја вратиме довербата на земјоделците кон институциите затоа што тоа е клучниот момент зошто се намалува нашето производство“, истакна министерот за земјоделство, шумарство, и водостопанство, Цветан Трипуновски во интервју за Дневникот на МРТ1.

„Работиме на проектирање и враќање во функција на системите за наводнување бидејќи тие се важен сегмент во делот на земјоделското производство. Исто така работиме на креирање на вистински мерки, програми кои што ќе имаат ефект врз земјоделското производство“, појасни министерот Трипуновски.

Тој додаде дека субвенциите ќе бидат редовно исплаќани.

„Потребно е да почувствуваат земјоделците дека од другата страна имаат партнер со кој што можат да разговараат и да ги надминуваат проблемите“, нагласи министерот.

Трипуновски додаде дека ефектите од мерките кои што тој ги планира со својот тим, земјоделците ќе ги почувствуваат во 2025-та година.

„Сега на прагот е есенската сеидба на пченицата и на житните култури. И веќе од наредната жетва ќе почувствуваме дека навистина сме помогнале и дека сме креирале мерки кои што ќе дадат ефект врз нашето земјоделско производство. Јас сум убеден дека тоа ќе го постигнеме зашто ги имаме сите квалитетни предуслови почва, вода и сончеви денови, го имаме и вредниот земјоделец кој што чека од другата страна односно од Владата да му помогне да го стимулира она што го произведува“, заклучи тој.

Министерот истакна дека има засилени контроли за тоа што влегува во Македонија како храна. Граѓаните треба да јадат безбедна храна.

„Јас како министер постојано сум на терен со земјоделците, се со цел да постигнеме што е можно повеќе и да ја вратиме довербата која што беше изгубена изминативе години“, додаде министерот Трипуновски.

На почеток