Македонија

(Видео) Мицкоски или не ја кажува вистина или нема никаков план за евроинтеграциите, вели Филипче

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз и пратеник, Венко Филипче, на денешната прес-конференција нагласи дека калкулациите и постојаните промени во ставовите од страна на премиерот Мицкоски, создаваат сериозни сомнежи за неговата искреност и за постоењето на јасен план за евроинтеграциите. Таквите променливи изјави на премиерот Мицкоски, како што кажа Филипче, отвораат сомнеж и дали воопшто премиерот ќе го прати најавуваното писмо до земјите членки на ЕУ.

„Во предизборниот период видовме различни ставови за Преспанскиот договор а сега целосно други, и во однос на Договорот за добрососедство со Бугарија, исто променливи ставови. Премиерот најавува дека има поддршка од некои земји дека може да се подобри нашата позиција во преговорите со ЕУ, но министерот Муртезани во тоа го демантира, едноставно сметаме дека или не ја кажува вистината или нема никаков план“, рече Филипче.

Во одговорот на новинарско прашање, Филипче посочи дека СДСМ не отстапува од барањето за итна собраниска седница на која премиерот и Владата ќе ја презентираат својата стратегија за евроинтеграциите и ќе кажат дали и каков план имаат за продолжување на процесот.

„Ќе испратиме и формално барање до Собранието за одржување на ваква седница откако ќе видиме дали во јавноста премиерот ќе излезе со некаков став во однос на тоа, да сублимира неколку работи. Ќе го повторам ставот на партијата дека ќе поддржиме какво било подобрување на нашата позиција којашто премиерот и Владата ќе ја обезбедат. Но, не би поддржале ништо со што би се довеле до некаква формална блокада. При тоа имаме предвид дека за подобрување или за каква било промена на нашата преговарачка позиција потребно е со консензус да одлучат сите земји членки на ЕУ за што и евроамбасадорот во земјата господинот Рокас кажува дека тоа е многу тешко изводливо“, порача Филипче.

На почеток