Свет

Иран најави одговор на израелскиот напад

Техеран ќе ги „користи сите достапни алатки“ за да одговори на израелскиот напад врз воени цели во Иран минатиот викенд, изјави денеска портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Исмаил Багеи.

Иран претходно го минимизираше израелскиот воздушен напад во саботата, велејќи дека предизвикал само ограничена штета, а американскиот претседател Џо Бајден повика на прекин на ескалацијата што ги зголеми стравувањата од сеопфатен конфликт на Блискиот Исток.

Говорејќи на неделна прес-конференција, Багеи рече: „(Иран) ќе ги искористи сите достапни алатки за да обезбеди јасен и ефективен одговор на ционистичкиот режим (Израел).

Природата на одговорот на Иран зависи од природата на израелскиот напад, додаде Багеи, но не даде дополнителни детали.

Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во неделата изјави дека иранските власти треба да го одредат најдобриот начин да ја покажат силата на Иран пред Израел, додавајќи дека израелскиот напад не треба „ниту да се омаловажува, ниту да се преувеличува“.

Голем број израелски воени авиони нападнаа ракетни фабрики и други објекти во близина на Техеран и во западен Иран во три бранови пред зори во саботата, објави израелската армија.

Тешко вооружените ривали се напаѓаат едни со други со месеци, а нападот во саботата беше одговор на иранскиот ракетен напад на 1 октомври, за кој Израел рече дека главно бил соборен од неговата противвоздушна одбрана.

Иран го поддржува Хезболах, кој се бори против израелските сили во Либан, и палестинската милитантна група Хамас, која се бори против Израел во Појасот Газа.

На почеток