„Христијан Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба да престанат со одбрана на криминалот на режимот и да се посветат на иднината на државата и на сите нејзини граѓани. Овие денови, преку презентираните докази во судските постапки, за еден од случаите поврзани со зделките за автопатиштата, целата јавност има увид како поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ безмилосно ги кршело законите. На штета на граѓаните и само заради лично богатење, бил заобиколен законот за јавни набавки, а штета врз буџетот со директниот договор, како што е соопштено, со една кинеска фирма, е над 155 милиони евра“, вели Костадинов.
Според него, резултатите од криминалното однесување на тогашното раководство и министрите од ВМРО-ДПМНЕ не се само незаконските провизии. Граѓаните се сведоци дека биле промашени трасите, не биле соодветно предвидени и планирани тунели, свлечишта, клучки и низа други грешки, како на пример на автопатот Кичево-Охрид, што повлече дополнителни средства на граѓаните за санирање на штетите.
„Владата предводена од СДСМ ги решава проблемите наследени од партијата на Никола Груевски и Христијан Мицкоски. Денес се гради по план, законски, транспарентно и се е на увид на јавноста. Интензивно се санира кастрофата што ја остави ВМРО ДПМНЕ, се обновува патната инфраструктура ширум Македонија и се работи во интерес на граѓаните. Амнестија за криминал нема и не смее да има. Во интерес на граѓаните, раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба да престане да го брани криминалот на Никола Груевски и да даде поддршка на процесот во собранието што води во НАТО и ЕУ,“ изјави тој.