Балканот, како и цела Источна и Југоисточна Европа на удар на арктички ладен воздух во првата половина од ноември
Октомври ќе го завршиме во знакот на претежно стабилно, суво и сончево време со натпросечни температури на воздухот, кои повторно во југоисточните предели ќе надминуваат 20 степени. Позитивни ќе бидат и минималните утрински температури на воздухот.
Во првата половина од месец ноември, почнувајќи од викендот кој доаѓа, цела Источна и Југоисточна Европа, вклучувајќи го и Балканот ќе бидат зафатени од многу поладен воздух од Арктикот, но и покрај ова и понатаму останува стабилното и сушно време.
Во многу делови од Балканот, како и од источна Европа го очекуваме и првиот посериозен мраз во утринските часови за оваа сезона. На многу места температурите ќе се спуштаат под нулата, локално тие ќе се спуштаат околу и под -5 степени, а во планинските предели и блиску до -10.
Максималните дневни температури исто така ќе бидат под просекот за првата половина од ноември и ќе се качат до 10 степени. Во Македонија очекуваме слични температури, но со тоа што локално температурите ќе се искачат и малку над 10 степени, особено во југоисточните предели.
Во првата половина од ноември зимата ќе го зададе својот прв сериозен удар, кој особено ќе го почувствуваме во ноќните и во утринските часови.
Овој ладен бран ќе биде проследен и со повремено засилен ветер од северен и од северозападен правец, особено долж Повардарието.