(Видео) Незаконскиот договор на приватниот српско-бугарски коцкарски монопол им овозможи профит од над 100 милиони евра, велат од ДУИ
Демократската унија за интеграција преку прес конференција откри „скандалозни податоци за најголемиот криминал во последната деценија преку злоупотреба и искористување на институциите“.
„Демократската унија за интеграција вчера откри скандалозни податоци за најголемиот криминал во последната деценија преку злоупотреба и искористување на институциите.
Вчера откривме дека коцкарскиот монопол во државата под контрола на српско-бугарската приватна компанија го финансирала новиот директор на државната лотарија Климовски со над 140.000 евра, додека тие за себе заработиле над 100 милиони евра на сметка на државата и граѓаните.
Оваа огромна добивка, омилената српско-бугарска компанија на Изет Меџити и Арбен Таравари, ја оствари со целосно незаконски Договор“, велат од ДУИ.
„За депозит од само 1 милион евра, без согласност на Комисијата за заштита на конкуренцијата, на приватната српско-бугарска компанија и се дава монопол, со државна заштита, и и се овозможува да оствари профит од над 100 милиони евра.
Во договорот за основање на трговското друштво не е предвидено ниту времетраење на договорот ниту начин на неговото раскинување.
Членот 17 од договорот е целосно спротивен на член 7 став 3 од Законот за коцкање.
Имено, Законот ја обврзува Државната лотарија на Република Македонија при основање на вакво трговско друштво, не само да има мнозинство во капиталот од најмалку 51%, туку и во одлучувањето.
Членот 17 од Договорот предвидува дека се носат низа одлуки (како оние за распределба на добивката, избор на членови на надзорен и управен одбор…), вклучувајќи ја и Одлуката за измена на договорот за основање на друштвото. со мнозинство од 100% од гласовите на содружниците.
Со вака напишаната одредба во Договорот, Државната лотарија на Република Македонија не само што нема мнозинство во одлучувањето и следствено на тоа нема контрола поради јавниот интерес, туку и дава право на вето на српско-бугарската приватна компанија.
Ова е незаконски, го оштетува буџетот, го прекршува законот и треба веднаш да се укине и да се одговара.
А, кога ги откривме овие фрапантни скандали, во одбрана на српско-бугарската приватна компанија, како што очекувавме, излезе ВРЕДИ.
Вреди, Изет Меџити Меџити и Арбен Таравари се ставија во целосна услуга на монополот во коцкарската индустрија на српско-бугарската приватна компанија и директорот на Лотарија Александар Климовски бидејќи се финансирани од нивните.
Вреди ги измами Албанците, го именува Амет Мифтари заменик-директор во Лотарија, не затвори ниту едно казино, кладилница, слот клубови, дури ни онлајн коцкањето не го укина, двапати по ред гласаше против нивното затворање во Собранието и продолжува слепо да и служи на коцкарската индустрија“, соопшти ДУИ.