Македонија

Седум македонски амбасадори ќе се вратат во земјата, одлучи претседателката Сиљановска Давкова, во тек се консултации за нови

Седум македонски амбасадори ќе се вратат во земјата, по одлуката на претседателката Гордана Сиљановска Давкова за нивно отповикување. Станува збор за повлекување на македонскиот амбасадор во НАТО, Дане Талески, Данчо Марковски од Албанија, Фатон Бејта од Данска, Сали Лимани од Казахстан и амбасадорот Шабан Јашари од Катар. Отповикани се и амбасадорката Теута Агаи Демјаха од функцијата шеф на Постојната мисија на Северна Македонија во ОН во Женева и амбасадорката при Светата Столица во Ватикан, Марија Ефремова. Во тек се консултации за именување на нови амбасадори, објави Дојче Веле.

Од кабинетот на претседателката посочуваат дека објавените укази во Службен весник за отповикување на амбасадорите се дел од стандардната законска процедура со која се констатира завршувањето на мандатот по навршени 4 години од упатувањето согласно член 44 од Законот за надворешни работи.

По објавувањето на указите, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија треба да ги извести амбасадорите за објавениот указ и се започнува постапка за нивно враќање во земјата.

Согласно указите, мандатот на Талески во Брисел престанува на 14 јануари 2025 година, а на останатите амбасадори заклучно со 30 ноември годинава.

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски е дециден дека станува збор за редовна процедура, а не вонредно враќање на амбасадорите. Тој на прес-конференција во вторникот (12.11) најави дека во тек се консултации на државниот врв, по што наскоро се очекува да почне со процес на именување на нови амбасадори.

Во однос на амбасадорите Љубомир Фрчкоски во ОН, Андреј Жерновски во Букурешт и Весел Мемеди во Рим, Муцунски вели дека амбасадорот Фрчкоски поднесе оставка, но тоа не значи дека тука се завршени процесите околу внатрешна ревизија за финаниското работење.

„Во врска со амбасадорот Жерновски, и амбасадорот Мемеди се водат внатрешни процедури во рамките на Министерството за надворешни работи, во согласно со Законот за надворешни работи и соодветно ќе бидете информирани кога ќе завршат тие процедури. Формално правно амбасадорот Мемеди е се уште амбасадор. Формално правно, амбасадорот Жерновски никогаш не ни станал амбасадор во Букурешт, бидејќи нема предадено акредитивни писма, додека Фрчкоски е амбасадор во оставка“, вели Муцунски во изјава којашто ја пренесе агенцијата МИА.

Амбасадорот Андреј Жерновски во објава на социјалните мрежи најавува тужби. Вели дека клеветењето и нанесување штета на нечиј личен углед и интегритет е крајно сериозна работа.

„Како доказ за трагикомичните лаги, денеска ја објавувам фотографијата од предавањето на моите акредитиви во романското МНР. Дополнително, онаму каде ќе биде потребно, ќе ја доставам и мојата лична карта во Романија, која се издава на дипломати, на која пишува дека сум амбасадор на Република Северна Македонија во Букурешт. Истата е издадена од Министерството за надворешни работи на Романија“, вели Жерновски.

Указите за отповикување на амбасадорите беа објавени во вторникот во Службен весник.

На почеток