Македонија

Интерес за економска соработка со Казахстан – средба на Сиљановска Давкова со казахстанскиот претседател Токајев во Баку

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку оствари средба со претседателот на Република Казахстан, Касим-Џомарт Токајев.

На средбата беа потврдени пријателските односи меѓу двете држави и беа разменети мислења за актуелните геополитички состојби, како и за регионалната улога на двете држави.

Како мост помеѓу Азија и Европа, претседателката го поздрави придонесот на Казахстан и нивното значително влијание во глобални рамки, при што изрази подготвеност за продолжување на кооперативноста и конструктивноста во рамки на меѓународните организации, особено во Обединетите Нации и ОБСЕ.

На средбата меѓу двајцата претседатели стана збор и за можностите за соработка во сферата на културата, науката и образованието, за што претседателката Сиљановска Давкова нагласи дека е потребно унапредување на правната рамка, интензивирање на политичкиот дијалог, почести средби, размена на посети и лични контакти.

Во таа насока, претседателката изрази интерес за максимизирање на економската соработка, трговската размена, инвестициите, како и за конкретизирање на соработката во градежниот, енергетскиот сектор, ИТ секторот и во туризмот.

Во разговорите беше поздравено отворањето на Амбасадата на Казахстан во Скопје, како значен чекор во продлабочување на севкупните билатерални односи.

На почеток