Дивоградбата во струшката чаршија продолжува да се гради иако инспектор констатира незаконитости, велат од Левица
„Дивоградбата во центарот на струшката чаршија, деновиве продолжува интензивно да се гради, иако по Решение и Записник од овластен градежен инспектор констатирано е дека се гради незаконски. Левица претходно поднесе Барање за вонреден инспекциски надзор, при што градежниот инспектор изрече Решение за отстранување на неправилностите. Фактичката состојба е дека инвеститорот продолжува незаконски да гради, иако не е поставена табла за градење (на која мора да е наведена дозволата за градење), додека за сомнежите дека се узурпира земјиште на Р. Македонија, никој не постапува“, велат од Левица.
„Дивоградба никнува во самото јадро на градот, пред очите на целата јавност, а институциите и понатаму не постапуваат. Очигледна е тенденцијата да никне уште една дивоградба која ќе ја огрди струшката чаршија, па со иден Закон за легализација, дивоградбата да се легализира во скратена постапка. Ваквото непостапување на институциите е целосно девалвирање на законите, правото и на јавниот интерес.
Иако Левица претходно алармираше за сомнежите дека се узурпира државно земјиште, правобранителите надлежни за Струга (Надежда Ѓоревска, Катерина Талевска-Скепароска, Астрит Селими) сѐ уште не покренуваат постапка, како надлежен орган да ги брани интересите на Републиката.
Поради сето ова, пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, поднесе Барање до Основното јавно обвинителство во Струга – како орган кој има надлежност да поднесе барање до судот за изрекување на привремени мерки: привремено запирање на градежните активности, отстранување на бесправно изградените објекти, како и забрана за понатамошно градење. Според Член 244-а од Кривичниот законик, бесправното градење претставува кривично дело за кое е предвидена казна затвор од три до осум години.
Го повикуваме Јавното обвинителство во Струга веднаш да иницира запирање на градежните активности во струшката чаршија, а МВР да поднесе кривична пријава поради бесправно градење. Алармираме дека ако се дозволи да никне уште една дивоградба во самиот центар на градот Струга, и покрај механизмите кои можат да ги преземат бројни институции (МВР, ОЈО, суд, правобранители), тогаш не се работи само за корумпирани поединци, туку за тотална системска корупција и моќници кои се посилни од самата држава“, соопшти Левица.