Некатегоризирани

Царинска управа: запленет автомобил, пиротехнични и распрскувачки материјали, цигари, лекови и фалсификати

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока. Во три случаи запленети се еден автомобил и комплет регистарски таблички, а до македонски државјани е поднесена прекршочна постапка до надлежен суд заради прекршување на царинската регулатива и одбегнување на плаќање увозни давачки коишто се плаќаат при увоз на возило. Воедно запленети се пиротехнични и распрскувачки материјали, цигари и тутун за пушење, лекови, гасни пиштоли, опрема за мотоцикли, употребувани гуми, девизи, облека, парфеми, фалсификати и друга стока. Во продолжение детали:

Во три случаи запленети се еден автомобил и комплет регистарски таблички, а до македонски државјани е поднесена прекршочна постапка до надлежен суд заради прекршување на царинската регулатива и одбегнување на плаќање увозни давачки коишто се плаќаат при увоз на возило.

Првиот случај е откриен од страна на мобилни царински тимови на регионалниот пат Росоман – Прилеп при контрола на патничко возило марка Volvo S40 со унгарски регистарски таблички управуван од македонски државјанин. При контролата е утврдено дека лицето не поседувало ниту сообраќајна дозвола ниту царински документи за возилото. Возилото е запленето, а против лицето е поведена прекршочна постапка до надлежен суд заради прекршување на царинската регулатива и одбегнување на плаќање увозни давачки коишто се плаќаат при увоз на возило.

Другите два случаи се откриени на излез на граничниот премин Делчево при контрола на автомобили со македонски регистарски таблички управувани од македонски државјанини. При контролите се откриени комплет таблички и сообраќајни дозволи. Во двата случаи, возилата биле пуштени во слободен промет без претходно да бидат спроведени пропишани царински постапки и без да бидат платени увозни давачки, поради што против двете лица се поведени прекршочни постапки.

Царинските службеници на граничен премин Јажинце спречија обид за криумчарење на 3.312 пиротехнични и распрскувачки материјали. Истите се пронајдени при контрола на автомобил, управуван од македонски државјанин, кој се обидел производите да ги внесе во државата во багажниот простор од возилото. Производите се запленети, а против лицето ќе се поднесена кривична пријава до надлежно Јавно Обвинителство заради сторено кривично дело недозволено изработување, држење и трговија со оружје и распрскувачки материјали.

На излез од државата на граничниот премин Ќафасан при контрола на автомобил се запленети 60 гасни пиштоли, 3.200 зрна дијаболи, како и 8 рамки за гасни пиштоли. Против возачот, македонски државјанин, ќе биде поведена соодветна постапка.

Од страна на мобилните царински тимови, при контрола на камион натоварен со употребувани гуми од Швајцарија наменети за фирма од Скопје и пријавени за увозно царинење запленети се 90 употребувани гуми, кои не биле опфатени со царинските документи. Против увозникот е поведена прекршочна постапка.

Запленети се 61 парчиња делови и опрема за мотоцикли, што се откриени од царински службеници при контрола на автомобил на влез во државата на граничниот премин Табановце. Против сторителот ќе биде поведена соодветна постапка.

Царински службеници на излез од државата на Меѓународниот аеродром Скопје при контрола на чекираниот багаж на германски државјанин открија 538 парфеми Непријавените парфеми се запленети, а против патникот е поведена прекршочна постапка.

Запленети се 22 штеки цигари, и 2900 грама тутун за пушење, по извршена контрола на патник на излез од државата на Меѓународен Аеродром Скопје. Делото е откриено при контрола на патник со македонско и бугарско државјанство, а истиот поседувал и британски документи.

103 парчиња облека се откриени при контрола на автомобил кој бил пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи биле пронајдени во кеси сместени во багажникот и пред задното седиште. Истите се привремено задржани а против возачот е поведена прекршочна постапка.

32 парчиња облека, 10 пара обувки, алати и 20 литри вино, се откриени при контрола на камион кој бил пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи се пронајдени на горниот кревет во кабината на камионот. Истите се запленети, а и истите се привремено задржани. Против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Во два одделни случаи откриени се и девизни прекршоци. Првиот случај е откриен на излез од државата на Меѓународниот аеродром Скопје, при контрола на турски државјанин кој патувал за Истанбул. Во чантата на лицето се откриени 17.100 американски долари за кои немало потврда за внесување на ефективни парични средства издадена од царинските органи при влез во државата. Согласно закон на лицето му се вратени девизни средства во противвредност на 10.000 евра, износ што нерезиденти можат слободно да го изнесат од државата, а останатите се привремено задржани.

Вториот случај е откриен од страна на мобилните царински тимови на граничниот премин Богородица на излез од државата. При личен претрес на патник, македонски државјанин, во џебот од јакната биле пронајдени 6.700 евра, за коишто не поседувал документ за потекло. Согласно Законот за девизно работење, вратени му се 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а останатите се привремено задржани. За сторениот девизен прекршок во двата случаи ќе биде поведена прекршочна постапка.

При контрола на стока со потекло од Грција, а наменета за увозник од Гевгелија пријавена за увозно царинење во царинска испостава Гевгелија, откриени се две илјади килограми (80 вреќи по 25 килограми) полипропилен гранулат, што не биле опфатени со царинските документи. Непријавената стока е запленета, а против увозникот ќе биде поведена прекршочна постапка.
При контрола на автомобил пријавен за влез во државата на граничниот премин Делчево, откриени се 27 кутии лекови со вкупно 104 таблети (Arimeidex од 1mg и Clomiphen Citrate /anfarm od 50mg), и 230 ампули (Test-Enanthate 250mg/ml, Masteron Е 200mg/ml, Masteron 100ml/mg, Test-mix 250ml/mg). Лековите се запленети, а против патникот ќе биде поведена соодветна прекршочна постапка.

Мобилните царински тимови при контрола на стока со потекло од Кина која била наменета за увозник од Скопје и пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 3, запленија 1.235 играчки и детски возила со ознаки на заштитени трговски марки. Производите се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и истовремено е поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.

На почеток