Средношколците се приклучуваат на денешниот протест: Бараме итни и одржливи решенија за враќање на јавниот превоз


Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија се приклучува на протестот против недостигот на јавен превоз во Скопје.
„Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија ја објавува својата активна поддршка и учество во претстојниот протест на петок, 22 ноември 2024 година, посветен на решавање на горливиот проблем со недостигот на јавен превоз во Скопје.
Протестот ќе започне 14:00 часот пред старата пошта во Скопје, по што учесниците ќе се упатат кон Град Скопје, каде што протестот ќе продолжи од 14:30 часот.
Овој сериозен проблем особено ги засега средношколците, правејќи го секојдневното патување до училиштата низ градот сè потешко. Како млади луѓе кои директно се засегнати, бараме итни и одржливи решенија за враќање на јавниот превоз и обезбедување еднаков пристап до образование за сите ученици.
Сојузот останува посветен на застапување на правата и потребите на учениците и обезбедување дека нашите гласови ќе бидат слушнати за прашања кои го засегаат нашето образование и секојдневен живот“, се наведува во нивното соопштение.
