Скопје

Практична настава за студенти во првиот сензорен центар во Македонија – реализиран во Ѓорче Петров

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, заедно со стручни лица од повеќе области, денеска во градинката „Росица“ – објект Пампурче го посетија првиот сензорен центар во Македонија, кој беше отворен пред само неколку месеци и веќе бележи значајни успеси во своето работење.

Овој сензорен центар, кој е прв од ваков вид во земјата, служи како практична база за студентите од 3 и 4 година на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет. Под менторство на проф. д-р Оливера Рашиќ Цаневска, студентите секој вторник работат директно со дечињата со пречки во развојот, помагајќи во нивната рехабилитација и интеграција во образовниот процес.

Преку оваа програма, децата добиваат континуирана поддршка, а резултатите се веќе видливи – подобрувања во состојбата и напредок кај децата кои ја користат услугата на центарот, велат од Општината.

Градоначалникот Стојкоски изрази задоволство од успешната реализација на овој проект, истакнувајќи ја важноста на ваквите иницијативи за унапредување на образованието и грижата за најмладите.

„Сензорниот центар претставува пример за нашата посветеност кон создавање подобри услови за развој на децата со специфични потреби. Продолжуваме со планови за отворање на вакви капацитети и во други објекти во иднина,“ изјави Стојкоски.

Општина Ѓорче Петров е лидер во создавање иновативни решенија за најмладите, вложувајќи во подобрување на условите во градинките и поддршка за родителите и наставниот кадар. Сензорниот центар е доказ за оваа посветеност и претставува голем чекор напред кон обезбедување квалитетна грижа и едукација за сите деца.

Овој проект е симбол на грижата за иднината на најмладите жители и пример како заедницата може да се обедини за доброто на сите, се додава во соопштението на општината.

На почеток