Македонија

Битиќи до Мицкоски: Зошто ја криете правната основа за инвестициите?

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, упати директни прашања до премиерот Христијан Мицкоски, барајќи одговори за транспарентноста во процесот на привлекување странски инвестиции и доделувањето поволности на инвеститорите, притоа нагласувајќи дека транспарентноста не е само етички принцип, туку и основа за доверба и заштита на јавниот интерес.

Битиќи потсети на проектот за ветерниот парк на Алказар Енерџи, вреден 500 милиони долари, кој треба да биде еден од најголемите во регионот, притоа појаснувајќи дека таквите проекти се добредојдени, но со нив секогаш се поврзува и потребата од транспарентност, која е основа за доверба, како и обврската да се заштити јавниот интерес.

„Граѓаните имаат право да знаат: според која правна основа се реализира оваа инвестиција? Кои поволности се предвидени за инвеститорот и ако се доделени, на која седница на Владата истите се одобрени? Транспарентноста во овој контекст не е само етички принцип, таа е и основа за осигурување дека одлуките се донесуваат соодветно и во интерес на сите граѓани“, му порача на премиерот Мицкоски, пратеникот Битиќи, притоа потсетувајќи го дека Северна Македонија веќе има Закон за стратешки инвестиции, создаден токму за вакви случаи.

Битиќи потсети дека овој закон обезбедува јасно дефинирани процедури и критериуми за инвестиции кои имаат големо значење.
„Зошто овој закон не е применет за проектот на Алказар Енерџи? Дали причината лежи во прецизираните процедурите или во избегнување на деталните анализи што ги бара законот и прескокнување на чекори кои се од огромна важност за транспарентноста на инвестициите од овој тип?“, праша Битиќи и додаде дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ како опозиција спречи транспарентни и законски 786 милиони евра инвестиции во енергетиката.

„Дополнителен пример за недостатокот на транспарентност е и договорот со „Бреинчајлд“ во индустриската зона Жабени. Првично најавената инвестиција од 13,5 милиони евра и 530 работни места на крајот се намали на 8,5 милиони евра и 200 вработувања. Господине премиер, што се случи во меѓувреме? Кои поволности беа укинати или доделени на инвеститорот? “, праша Битиќи и упати порака до премиерот Мицкоски дека овие прашања се важни не само за конкретните проекти, туку и за градењето на систем кој ќе обезбеди фер и транспарентни услови за сите инвеститори.

На почеток