Во пензија на 67 години – бара Фискалниот совет
Фискалниот совет предлага во 2026 година да се зголеми старосната граница за одење во пензија.
Фискалниот совет е државна институција чиј основач е Собранието и ова мислење го даде во врска со Фискалната стратегија (2025-2029). Ставот го достави до законодавниот дом и во него бара во 2026 година да се зголеми старосната граница за одење во пензија. Во стратегијата усвоена од владеачкото мнозинство стои препорака, старосната граница за остварување на право за пензија на мажи и жени да биде 67 години старост.
Потребно е и зголемување на стапката на придонесот за ФПИОМ (тековно е 18,8%), која моментално е за 2,4% помала во однос на 2008 година кога изнесуваше 21,2%, пишува во мислењето.
Според Фискалниот совет, буџетската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е голема, а линеарните зголемувања од 2.500 денари ќе придонесат Фондот на долг период да не биде одржлив.
Фискалниот совет, пак, е составен од високи професионалци. Претседател на Фискалниот совет е Глигор Бишев, поранешен директор на Шпаркасе банка, а членови се академик Абдулменаф Беџети и Марина Трпеска, редовен професор на Економскиот факултет при УКИМ.