Запален автомобилот на познат инфлуенсер: Ова е втора потенцијална закана по животите на моите најблиски
Црногорскиот инфлуенсер Јован Радуловиќ попознат како Јоџир се огласи откако во Подгорица повторно му беше запален автомобилот.
Во понеделникот по полноќ бил опожарен автомобил марка „голф“, а Радуловиќ веднаш го пријавил случајот во полиција.
Инфлуенсерот не крие дека е загрижен, пред се, за безбедноста на своите најблиски.
„Ова е втор сериозен напад на мојот имот и втора потенцијална закана по животите на моите најблиски, поради што денеска побарав од надлежните итна проценка за безбедноста на членовите на моето семејство и на мене. Исто така, ги повикав да ги преземат сите неопходни мерки за да се утврди кој стои зад нападот“, рече Радуловиќ.
Инаку, ова не е прв пат да му се запали автомобилот на Радуловиќ. Пред три години тој остана без возило, но тој случај се уште не е расветлен.