Уставен за првпат се подели по етничка основа, Законот за јазици повторно бранува
Уставните судии во среда, 11 Декември за прв пат ќе се поделат по етничка основа. Законот за јазици повторно се заканува да ги запали етничките прашања. Уставните судии Осман Кадриу и Насер Ајдари соопштија дека ќе ја бојкотираат седницата. Тие сметаат дека ќе дојде до надгласување и затоа не сакаат да учествуваат кога се расправа за прашања од албански национален карактер со извесен епилог.
Уставен суд не коментира ничии ставови поврзани со предметот за Законот за употреба на јазиците.
ДУИ предупреди дека укинување на која било одредба од Законот за употреба на јазиците не е само правен чин, туку директен удар врз стабилноста и мирот на државата, а законот бил темел на меѓуетничката еднаквост и взаемната почит.
„Одлука која би го загрозила овој закон би претставувала тешко кршење на Охридскиот договор и враќање назад кон неизвесна и нестабилна иднина“, предупредуваат од ДУИ.
Премиерот Мицкоски одговори-нема опасност по безбедноста на државата.
„Не постои опасност по безбедноста, ниту некогаш сме дозволиле да постои. Има некои места каде што се состануваат поединци кои сакаат да направат безбедносна тензија. Ние како држава и Влада ќе сториме се за да гарантираме безбедност“, одговори Мицкоски.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски неодамна во интервју рече дека со Законот за јазиците политиката создаде своевиден правен хаос, кој резултира со политички хаос и недоверба.
Закон за употреба на јазиците, со кој се прошири службената употреба на албанскиот јазик во цела држава е донесен во март 2018 година. Указот за прогласување на законот не беше потпишан од поранешниот претседател Ѓорге Иванов. По повтореното гласање, Законот за јазиците беше објавен во Службен весник, но само со потпис на претседателот на Собранието, Талат Џафери. Под името на претседателот на државата, нема потпис.
Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, а е оформен во 2019 година.