Македонија

Ниту ДУИ, ниту судиите не се заштитени бели мечки кои можат да бидат на врвот на одреден криминал без да се водат постапки против нив, вели Панова

Најпрво, велите најмалку посакувано за ДУИ, но ова е најмногу посакувано за граѓаните на Република Македонија и пораката која беше упатена од страна на Амбасадата на САД беше дека никој не е над законот и никој не може да се сокрие од законот, изјавува Ели Панова, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ на нејзиното вечерашно гостување на Канал 5 телевизија, во дебатната емисија „Само Вистина“, осврнувајќи се на едно од актуелните прашања поврзано со проширувањето на американската црната листа.

Таа појаснува дека ниту, во случајов Артан Груби, ниту пак било кој друг член од раководството на ДУИ или било кој судија не може да му пркоси на законот и правдата, а од друга страна на овој начин се отвара можност органите во правосудството да покажат дека можат и треба да отворат процедури кои доста време беа затајувани.

„Пораката којшто се испраќа токму на денот 9 декември којшто е Меѓународен ден за борба против корупцијата, всушност покажува дека некој којшто е далеку 7.824 километри од Македонија, значи толку километри надвор од Македонија, некој увидел и знае дека има сторено криминал  во рамки на судски процеси, со посредство на некој што беше вицепремиер на Република Македонија, а нашите органи не го знаат тоа“, концизна е Панова.

Панова јасно потврдува дека пораката е веќе упатена како до ДУИ, така и до правосудството во Република Македонија, односно до судиите коишто треба да знаат дека не се заштитени бели мечки и дека не можат да бидат на врвот од одреден криминал, а да не се води никаква постапка против истите.

„Јас би додала дека оваа порака исто така е испратена и до Судскиот Совет, којшто пред неполна година, ми се чини, расправаше токму за овој судија и на крајот излезе дека истиот беше казнет само со 20%, шест месеци од платата. Пораките кои ги испрати Стејт департментот всушност треба да бидат аларм дека мора да профункционира системот, тоа е ветер во грб на нашите институции“, заклучува Панова.

На почеток