Скопје

Вода нема ниту во најголем дел Ѓорче Петров

Вода нема ниту во Ѓорче Петров, се жалат граѓаните, иако според најавите за прекин на водоснабдувањето беше кажано дека населбите Даме Груев, Александрија, како и селата Волково, Никиштане нема да имаат прекини.

Во село Орман има вода, но со ептен слаб притисок. Истото е и со Хром и Ѓорче 2.

Претпријатието „Водовод и канализација“ чекаа да се испразнат цевките откако ја запреа водата на главниот цевковод, со цел да санираат три дефекти.

Покрај дефектот на улицата Никола Парапунов во Карпош 4, од „Водовод и канализација“ информираат дека ќе бидат санирани уште три дефекти на затварачи по должината на главниот цевковод, и тоа на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до крстосницата на булевар „Партизански одреди“ со улица „Никола Парапунов“.

Потенцираат дека системска промена на пет децении стари затварачи и рехабилитација на хидротехничката опрема е потребна со цел зголемување на трајноста на водоводната мрежа и подобрување на нивото на притисок во водоводната мрежа.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска на акцијата за засадување на дрвца кај новиот Мега Парк во општина Карпош, во врска со најавениот прекин рече дека нема да има потреба од дотур на вода, затоа што санацијата на дефектот нема да трае повеќе од една редовна санација на кој било друг дефект во градот. Во одговор на новинарско прашање, Арсовска рече дека очекува санацијата на дефектот да биде завршена во текот на едно деноноќие, односно како што рече, согласно планот изготвен од страна на техничките лица од јавните скопски претпријатија, санацијата се очекува да биде завршена во што е можно во пократок рок.

На почеток