Македонија

Љутков: Започнува повеќегодишна конзервација на вредното сликарството од византискиот период на „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска беше во работна посета на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, која е ремек-дело од XIV век, и во архитектонска и во сликарска смисла.

„Она што е особено значајно за ова вредно културно наследство е тоа што по 10 години негрижа и застој во работата, започнаа подготовките за реализација на проектот за конзервација на живописот на црквата, со што ќе се овозможи зачувување на овој византиски споменик на културата кој говори за милениумското цивилизациско наследство на наша почва“, рече министерот Љутков, потенцирајќи ги уникатните вредности на црквата од Старо Нагоричане.

Министерот Љутков изрази жалење поради тоа што во изминатите десет години имало застој, а со тоа се деградира исклучително вредното културно наследство, и додаде: „Затоа од надлежната установа Национален конзерваторски центар побаравме корекција на претходно дефинираната динамика за реализација на планираните активности. Фокусот го ставаме на реализацијата на проектот, а како држава и како Министерство за култура и туризам уште еднаш на дело ја потврдуваме нашата грижа и посветеност за зачувување на културното наследство и ќе направиме сè за црквата да блесне во целиот свој сјај“, рече министерот Љутков.

Тој додаде дека за 2025 година е планирано да бидат обезбедени околу 5 и пол милиони денари, но што е уште поважно, како што рече, ова е проект кој добива повеќегодишно финансирање, и во следните три-четири години конзервацијата на фрескоживописот ќе се одвива без застој.

Цветанка Хаџи-Пецова, в.д. директорка на Националниот конзерваторски центар и советник-конзерваторот Владо Муковски, изразија задоволство од започнувањето на овој, како што го нарекоа, проект од национално значење, и додадоа дека е чест, привилегија и одговорност да се работи на монументалниот споменик на културата и да се конзервира фрескоживописот на големите мајстори на византиското сликарство, зографите Михаил и Евтихиј.

При посетата на црквата во Старо Нагоричане беше најавено дека со сиот кадровски и стручен потенцијал на Националниот конзерваторски центар и на Конзерваторскиот центар – Скопје започнува конзервацијата на еден од најраскошните фрескоаранжмани на византиската уметност од 14 столетие.

Во оваа пригода, министерот Љутков изрази уверување дека со реализацијата на проектот, црквата ќе го добие заслуженото место меѓу културните добра во нашата земја, а тоа во иднина ќе даде силен импулс за развојот на туризмот, како и активности за локален економски развој.

На почеток