Дали токму Коцевски е обвинителот кој барал следење на Мицкоски?
Несекојдневно е однесувањето на државниот обвинител Љупчо Коцевски изминатиот период, додека Владата упатува жестоки критики на сметка на Обвинителството. Последен пример за тоа е вчерашното негово однесување, кога тој застана зад Христијан Мицкоски, додека премиерот даваше изјава за медиумите.
На социјалните мрежи, Коцевски беше наречен и „учениче“, а однесувањето „обид да му се допадне на премиерот“. Сепак, ставот на Мицкоски за правосудниот систем останува ист. Дотолку повеќе што вчера, премиерот одново повтори дека бил тајно следен додека бил во опозиција, а Обвинителството го нема расчистено овој случај.
„Тајните служби ме следеле во пресрет на парламентарните и локалните избори сомневајќи се дека организирам и финансирам парпаолициски структури и терористички групи”, рече Мицкоски и очекува Обвинителството да го расчисти постапувањето на разузнавачите за време на власта на СДСМ и ДУИ.
Ова внимателно го слушаше Коцевски, кој му „чуваше“ грб на Мицкоски, односно стоеше зад него. Не му кажа в лице што планира да направи, но подоцна прес-службата на веб-страната на Обвинителството соопшти дека е оформен предмет токму по насоки на Коцевски.
Мицкоски објасни дека таен соработник на службите дал информации дека тој е финансиер на параполициска формација. Според Законот за АНБ, физички лица може да даваат информации што се од значење за националната безбедност, при што се составува записник достапен на надзорни и контролни органи.
Во случаи на сомневања за кривични дела против државата, вклучително финансирање на параполициски формации, судот може да нареди тајни мерки за собирање информации, но само на барање на јавен обвинител и со одобрение од судија на Врховниот суд.
Интересно е што токму Коцевски, пред да биде избран за државен обвинител, беше обвинител кој разгледуваше и одлучуваше дали ќе се поднесуваат барања за физичко следење. Ова би значело дека доколку информациите на Мицкоски се точни, а барањето доаѓало од Обвинителството, за тоа одлучувал и Коцевски.
„Скопје1“ испрати прашања до Обвинителството и прашавме дали по барање на Коцевски бил следен Мицкоски, дали тој е запознаен со конкретниот случај како засегнат обвинител, дали со предметот кој го оформил ќе биде опфатен и обвинителот кој предложил вакви мерки до Врховен суд. Оттаму очекуваме одговор.