Објавен условот на Путин за средбата со Трамп, според Блумберг
Рускиот претседател Владимир Путин наскоро може да разговара со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, а за време на разговорот, според извештајот на Блумберг, тој ќе бара Украина никогаш да не стане членка на НАТО.
Извор запознаен со подготовките на Москва за преговорите меѓу Путин и Трамп рече дека Кремљ верува дека одредени членки на НАТО можат да продолжат да испраќаат оружје во Украина во рамките на билатералните безбедносни договори, но дека тоа оружје не смее да се користи против Русија или за враќање на окупираните територии.
Блумберг забележува дека лидерите на Украина веројатно нема добро да ги прифатат овие тешки барања бидејќи војната влегува во третата година.
Позицијата на Путин е во спротивност со желбата на Трамп да го прекине конфликтот што е можно поскоро и може да биде обид да и се даде на Русија повеќе простор за маневрирање во преговорите. Блумберг продолжува и истакнува дека рускиот напредок во источна Украина е бавен и „постигнат по висока цена“.
Анонимен извор рече дека условите на Русија вклучуваат задржување на барем де факто контрола врз речиси 20 отсто од окупираната територија на Украина, вклучувајќи го и анектираниот Крим. Сепак, Москва наводно е подготвена на одредени територијални отстапки.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен претходно изјави дека администрацијата на Бајден подготвува силна преговарачка позиција за Украина за Трамп.
Во меѓувреме, идниот советник за национална безбедност на Трамп, Мајк Волц, смета дека војната во Украина ќе заврши дипломатски, но дека прекинот на огнот е неопходен прв чекор. Тој исто така смета дека повлекувањето на руските војници од сите окупирани украински територии е нереално.
„Едноставно не мислам дека е реално да се очекува протерување на секој Русин од украинска територија, па дури и од Крим. Претседателот Трамп ја препозна таа реалност“, нагласи Валц.