Свет

Пронајдени пердуви и крв во моторите на авионот во кој загинаа 179 лица

Истражителите пронашле птичји пердуви и крв во двата мотори на авионот Џеџу Ер што се урна во Јужна Кореја на 29 декември, изјави за Ројтерс лице запознаено со истрагата.

Боингот 737-800, кој полета од главниот град на Тајланд Бангкок за округот Муан во југозападна Јужна Кореја, слета на стомакот и се лизна по пистата на регионалниот аеродром, пламнувајќи откако удри во бетонска конструкција.

Вкупно 179 луѓе загинаа во најтешката воздушна несреќа на јужнокорејска територија. Само двајца членови на екипажот преживеале во опашката на авионот.

Пилотите ѝ кажале на контролата на летање дека авионот претрпел удар од птица и прогласиле тревога четири минути пред да се урне.

Две минути пред да биде објавен повикот за помош, контролата на летање повика на претпазливост поради „активноста на птиците“ во областа.

Инспекторите на почетокот на овој месец соопштија дека во еден од моторите на местото на несреќата биле пронајдени пердуви, додавајќи дека на видео снимката се гледа како птица удира во моторот.

Министерството за транспорт на Јужна Кореја одби да коментира дали во двата мотори се пронајдени пердуви и крв.

На почеток