ДСЗИ:Нема пропусти во лекувањето на деветгодишното дете кое почина во Детската клиника
Државниот санитарен и здравствен инспекторат во соопштение до јавноста извести дека не пронајде недостатоци во начинот на третирање на здравствената состојба на деветгодишното дете Н.А. од селото Пеширово, Општина Свети Николе. Детето во вторникот почина на Клиниката за детски болести во Скопје.
Од инспекторатот информираат дека извршиле вонредни инспекциски надзори кај сите здравствени установи во кои се лечело детето и во сите три институции нема констатирано недостатоци и неправилности во постапувањето.
Детето било однесено кај матичниот лекар во Свети Николе на 14 јануари бидејќи имало болка во стомакот, повраќање, кашлање, висока фебрилност и несоница.
„При преглед детето било поспано, афебрилно, без убедливи знаци за дехидратација. Направени му се лабораториски испитувања по што дадена му е инфузиона терапија во тек на која кај детето настапува сомнолентност со слаба реакција на говор заради што е упатено во ЈЗУ Клиничка болница Штип“, стои во соопштението од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Во болницата во Штип, детето било донесено со такси возило, а дежурниот доктор поставил дијагноза која гласи сомноленција. Во ЈЗУ КБ Штип, повторно му се извршени лабораториски испитувања и дополнително КТМ на глава.
Заради лошата општа здравствена состојба и наодите од лабораториските испитувања, детето со возило на итната помош, истиот ден е однесено во Скопје.
„На прием детето е во општа тешка состојба поради што веднаш е започната со рехидратација и корекции на биохемиски параметри. Во 22:25 часот има дополнително влошување со респираторен и кардиак арест, започната е реанимација во тек на која е симнато на ОИНТ за понатамошен третман. Состојбата на детето и понатаму се влошува и покрај сите пропратни интервенции, реанимацијата не е прифатена и во 23.30 часот настапува егзитус“, се вели во официјалниот став од ДСЗИ.