Пензионер се обидел да стори разбојништво во канцеларија за кредити во Битола


Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1, сторено согласно член 19 (во обид), како и – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 72-годишник, на 15 јануари, влегол маскиран во канцеларија за кредитирање на улицата “Прилепска” во Битола и со употреба на сила се обидел да одземе парични средства со намера противправно да ги присвои. Со хебла во едната рака и огнено оружје – пиштол во другата, тој се заканил на вработената и побарал од неа да ги стави парите во торбичка што и ја подал. Таа одбила по што ја удрил неколку пати со хеблата по раката и телото. Оштетената избегала надвор од објектот, по што и осомничениот го напуштил местото.
Разбојништвото се обидел да го изврши со пиштол марка „Црвена застава“ што го држел неовластено.
При претрес во домот каде престојувал било пронајдено оружјето и осум куршуми.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
