Македонија

Таткото на детето кое почина: Состојбата му се влошила по примена инфузија, немал здравствени проблеми

Ивица Крстевски, татко на деветгодишниот Алекс кој почина во вторникот, за  „Фокус”  открива дека момчето било здраво и весело дете кое немало никакви здравствени проблеми. Никогаш немал сериозна дијагноза и не бил под терапија. Бил ученик во 4то одделение, редовно посетувал настава. Неодамна имале и систематски каде исто така се покажало дека детето е здраво.

“Алекс беше здраво и весело дете. Никогаш не сме се соочиле со сериозни здравствени проблеми. Единствено поради настинки одевме на лекар, што е нормално за секое дете,“ раскажува за Фокус, Ивица Крстевски, таткото на Алекс, четвртодделенецот од село Пеширово кој трагично го загуби животот на 14-ти јануари.

Утрото на 14-ти јануари, Алекс започнал да повраќа, поради што мајката и дедото го однеле кај матичниот лекар во Свети Николе. Лекарката која била на смена, иако не била матичната на Алекс, му дала инфузија, по што состојбата му се влошила. Наместо да биде испратен со амбулантно возило до Клиничката болница во Штип, Алекс бил транспортиран со истото такси возило со кое пристигнал.

„Не знам зошто не беше повикана итна медицинска помош ако состојбата му била критична. Наместо лекарски тим, детето беше испратено во Штип со такси,“ раскажува Ивица Крстевски, кој во моментот на настанот бил во Словенија, каде што работи за да го прехрани семејството.

„Јас пет години работам во Словенија, за да го прехранам моето семејство. Утрото кога поради повраќање Алекс беше однесен со такси возило кај матичен лекар, јас не бев со него, бидејќи бев во Словенија. Со него беа неговата мајка и мојот татко. Таксистот е сведок на целата ситуација. По примање на инфузија, на син му се влошува состојбата, и лекарката го испраќа во болница во Штип, и тоа со истото такси возило. Ако состојбата била критична, не знам зошто не била повикана лекарска екипа од итната помош, туку детето без доктор и медицински персонал било пратено во Штип“, вели Ивица.

Според извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), по извршениот вонреден инспекциски надзор во ПЗУ Д-р Оливер, Свети Николе, потоа во Клиничка болница-Штип и во Клиниката за детски болести во Скопје, не биле констатирани недостатоци во трите институции. Во штипската Клиничка болница му била поставена дијагноза сомноленција. Сомноленцијата претставува состојба на квантитативно растроена свест (состојба на длабок сон) која се одликува со изразена поспаност.

„Сакам да спречам вакви трагедии во иднина. Сакам вистината за Алекс да биде позната, а неговата смрт да не биде залудна,“ завршува таткото, кој ја изразува својата длабока болка и разочарување од системот што го изневери неговото семејство.

На почеток