Македонија

Трошокот за еден пензионер го покриваат речиси двајца вработени, а над 200 лица земале плата без да одат на работа во ПИОМ

Придонесите од вработените не се доволни за покривање на трошоците за пензии, при што трошокот за еден пензионер го покриваат речиси двајца вработени.

Истовремено, над 800.000 евра исплатил Фондот за пензиско за 206 лица ангажирани со договор на дело за кои државната ревизија не нашла евиденција дека биле присутни на работа. Договорите биле од два месеца до една година, а во нив немало ниту обврска да доставуваат извештаи за сработеното.

Ова е една од слабости кои се евидентирани во извештајот на ДЗР за Фондот на ПИОМ во 2023 година. Неправилности ревизорите откриле и во начинот на спроведување на јавните набавки. И во овој ревизорски извештај, како претходниот, се повторуваат забелешки за тендерот за градежно-занаетчиски работи за кој се склучени договори и анекси во износ од, речиси, 600.000 евра.

Дополнително, ревизорот укажува дека Фондот со години се соочува со недостиг на стручен кадар, особено во клучните сектори, подрачните единици, ИТ одделението и внатрешната ревизија.

Ревизијата на подрачните единици покажала дека ниту еден од објектите не ги исполнува основните хигиенски стандарди. Уништени натписи, недостиг на стручен кадар, како и несоодветни услови за чување на предметите, кои не се заштитени од влага, кражба или поплава, дополнително ја нагласуваат лошата состојба во која функционира Фондот.

На почеток