Македонија

Шетај, клати врата, земај плата

Дупката во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е огромна, а Државниот завод за ревизија утврди бројни неправилности во работењето. Во 2023 има невистинито прикажување на финансиската состојба.

Во ревизорскиот извештај е утврдено дека не е извршено евидентирање на имотот во деловните книги на постојаните средства добиени по основ на стечајни постапки.

Утврдено е дека е склучен договор за закуп на деловен простор на 20 години без спроведена соодветна постапка, како и слабости во спроведувањето на постапките и реализацијата на договорите за јавни набавки, во начинот на доделување и исполнетоста на условите за сместување во становите при домовите за живеење на корисниците на пензија со кои стопанисува Фондот и во безбедноста и сигурноста на ИТ системот.

Во текот на 2023 година ангажирани се 206 физички лица со договор на дело за период од 2 до 12 месеци, за кои Фондот има обезбедено согласности од Министерството за финансии, за извршување на работни задачи согласно систематизацијата на работни места, за кои се исплатени средства во износ од 50.377 илјади денари. Ревизорите укажуваат дека не постои евиденција за присуство на ангажираните лица поради што постои можност од исплата на парични средства на лица кои не биле присутни на работните места и не ги извршувале работните обврски. Во договорите не е предвидена обврска ангажираните лица да доставуваат извештаи за извршената работа, што не обезбедува уверување во однос на исполнувањето на нивните работни задачи и обврски за кои се ангажирани при што поголем дел од договорите не се потпишани од страна на извршителите, велат од ДЗР.

На почеток