(Видео) Стотици граѓани ја блокираа Партизанска за да и оддадат почит на Фросина
Стотици граѓани излегоа да и оддадат почит на Фросина, која на 22-години загина на Партизанска, прегазена од возачот Васил Јованов. Запалија свеќи под венецот и нејзината слика, а поставени на пешачкиот остров кај Универзална сала. Граѓаните бараат безбедни улици, доследно спроведување на законите, правосуден систем кој ќе казнува и спречува вакви настани.
Васил Ј. кој има 20-години и ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова на „Партизанска“ кај Силбо, поминал на црвено светло, имал алкохол во крвта и бил без возачка дозвола. Ова се последните детали од Обвинителството. Со автомобилот „пежо 207“ сопственост на неговиот татко, не застанал на пешачкиот премин и удрил во сега починатата Фросина.
„Меѓутоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со ул.„29-ти Ноември“, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка.
Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди од кои на лице место починала“, велат од Обвинителството.