Македонија

Советот на обвинителите контра Владата, претседателката без одговор дали Коцевски може да се разреши и ако дадат негативно мислење

Душица Димитриеска, претседател на Советот на обвинители,  се спротивстави на Владата, која беше децидна дека назначувањето на обвинител кој ќе го заменува Мустафа Хајрулахи во скопското Јавно обвинителство е незаконска. Според Димитриевска, одлуката е законска.

„Беше донесена одлука, следејќи ги состојбите во Вишото јавно обвинителство каде вишиот јавен обвинител е оддалечен од функцијата, советот утврди дека е потребно во ова јавно обвинителство да се назначи обвинител кој ќе раководи со Обвинителството. Таа одлука е едногласна“, рече Димитриевска.

Прашана дали имало законска основа за ваква одлука, таа рече: „Да има, мора да има потписник, мора да има јавен обвинител кој ќе го раководи“.

„Јас не можам да дадам одговор на тоа прашање, јас тврдам дека нашата одлука е законита. Тоа Обвинителство мора да има јавен обвинител кој ќе раководи. Уште еднаш да напоменам, се работи за јавен обвинител кој ќе раководи додека трае оддалечувањето на јавниот обвинител“, додаде Димитриевска.

Прашана да ја објасни процедурата за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски, таа им порача на новинарите да си видат во законот, оти таму ја имало. Немаше ни конкретен одговор, дали процедурата продолжува во Собрание и покрај евентуално дадено негативно мислење од Советот на јавни обвинители за разрешување на Коцевски.

„Во однос на тоа прашање, сакам да изјавам дека до сега, немаме до Советот никаков предлог добиено. Кога ќе има предлог, ќе се произнесеме. Советот ќе ги испочитува роковите и процедурата“, рече Димитриевска.

На почеток