Милошоски: Има потреба од нов државен грб, Македoнија не треба да остане во друштво со Белорусија, Таџикистан и Ангола


Потпретседателот на Собранието и пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, вели дека Македонија не треба да остане меѓу ретките држави кои сè уште користат советска симболика на својот државен грб, заедно со Белорусија, Таџикистан и со Ангола.
Според Милошоски, отворањето на дебатата за измена на грбот не е поврзано со економската криза или со претстојните локални избори.
,,Оваа иницијатива нема врска со изборите. Доколку зборуваме за современи државни обележја, засновани на хералдички принципи, тогаш Македонија навистина треба да изгради грб што ќе ја одразува нејзината историја и определби. Нашата земја има богато историско наследство, кое може да ги поврзе АСНОМ, илинденскиот период и други значајни моменти, а сето тоа да биде претставено преку еден современ државен грб. Таков симбол би ја позиционирал Македонија како дел од европските држави”, изјави Милошоски.
Според него ова е иницијатива која треба да отвори дијалог за да се стаса до одреден консензус, но нема ограничување дали тоа ќе се случи за месец, три месеци или девет месеци од денес.
