Скопје

(Видео) „За првпат ќе сретнам човек кој без причина убива друго живо битие“ – најавен протест пред Кривичен

Следната среда, пред Кривичен суд, ќе се одржи протест каде ќе се бара правда за убиеното куче Феликс. Протестот го организира Мери Јордановска, активистка за правата на животните.

„Во среда, на 26.02.2025 година, во 10 часот, после мои 25 години активизам за правата на животните, за првпат ќе сретнам човек кој без причина убива друго живо битие. Го мава со стап десетици пати по главата, го врзува со жица и го фрла во контејнер, без да знае дека Феликс е борец и дека одбива да умре. Феликс се бори за својот живот 52 дена. Во овие 52 дена не страда само тој. Страдаат сите кои се грижат за него. Негователите во ЈП „Лајка“ си ги немаа видено децата 52 дена оти деноноќно беа над него. Откако Феликс нѐ напушти, истите тие луѓе не можеа да се вратат на работното место, по траумите што ги преживеаја. Во оваа група ќе ги видите и нивните сведоштва.

Во сите овие години сум била сведок на труења, крвнички претепувања на животни, многу ми умирале на раце… и секогаш сум велела, сакам еднаш, само еднаш, во оваа ера на неказнивост, да му погледнам в очи на убиецот, небаре ќе видам чудовиште. Сега, за прват, насилството врз животните доби лик. И име. Љубе Крстевски. На слика – сосема нормален човек, татко, сопруг. Во реалноста – човек кој нема контрола врз својот бес, а тоа е сосема прифатливо за луѓето околу него кои му помагаат во насилниот чин.

Во среда, на 26 февруари, во 10 часот јас ќе бидам пред Основниот кривичен суд, да го погледнам в очи Љубе Крстевски. И со сета своја совест и емпатија кон секое живо битие, без тронка грижа на совест гласно и јасно ќе побарам затворска казна за човекот кој агресивно, без никаква причина, маваше по главата на живо битие кое не пружаше никаков отпор, за потоа да го врзе со жица и да го фрли во контејнер, мислејќи дека е мртво. Феликс успеа да живее 52 дена со една причина – да ни даде до знаење дека сакаше да живее. И дека можеби некогаш ќе се најде некој што ќе му пружи љубов и убав живот.

Феликс не го дочека тоа. Но, додека постои неказнивост, во иднина ќе имаме уште стотици како него.
Затоа, во негово име, ве повикувам на собир со едно единствено барање – да се почитуваат и соодветно да се толкуваат законските одредби од Кривичниот законик. Има причина зошто секаде во светот е предвидена затворска казна за насилниците кои смртно повредиле и усмртиле живо суштество, без никаква причина. Насилството раѓа ново насилство, а често не се бира дали се работи за човек или животно“, наппиша Јордановска.

На почеток