Свет

Хамас: Подготвени сме да ги ослободиме сите преостанати заложници одеднаш

Хамас посочи дека е подготвен да ги ослободи сите преостанати заложници во Газа во размена како дел од следната фаза од договорот за прекин на огнот.

Израел и Хамас во моментов се во процес на имплементација на првата фаза од кревкиот прекин на огнот во Газа, кој се одржува откако стапи на сила на 19 јануари и покрај меѓусебните обвинувања за негово прекршување.

Шефот на израелската дипломатија вчера изјави дека преговорите за втората фаза, која се очекува да подготви потраен крај на војната, ќе започнат „оваа недела“.

„Ги информиравме посредниците дека Хамас е подготвен да ги ослободи сите заложници одеднаш во текот на втората фаза од договорот, наместо (тоа) постепено, како што е случајот во сегашната, прва фаза“, изјави за AFP високиот функционер на Хамас, Тахер ал-Нуну.

Тој не појасни колку заложници држат Хамас или други милитантни групи.

Нуну рече: „Сакаме да ја потврдиме нашата сериозност и целосна подготвеност да продолжиме напред во решавањето на ова прашање, како и да продолжиме со чекорите кон консолидирање на прекинот на огнот и постигнување одржлив прекин на огнот“.

Според првата фаза од договорот, милитантите досега ослободија 19 израелски заложници во замена за повеќе од 1.100 палестински затвореници ослободени од израелските затвори во серија размени со посредство на Црвениот крст.

Понудата од средата дојде откако Израел и Хамас објавија дека последните шест заложници ќе бидат ослободени овој викенд како дел од првата фаза од договорот.

По завршувањето на првата фаза, во Газа и понатаму ќе има 58 заложници.

Хамас, исто така, вчера се согласи да ги врати телата на осум заложници во две серии оваа недела и следната недела, вклучувајќи ги останките на Шири Бибас и нејзините два сина, Кфир и Ариел, кои станаа национални симболи на израелските заложници.

Таткото на момчето, Јарден Бибас, беше одвоено киднапиран на 7 октомври 2023 година и беше ослободен за време на претходна размена на затвореници.

Иако Хамас објави дека Шири Бибас и нејзините синови биле убиени во израелски воздушен напад на почетокот на војната, Израел никогаш не го потврди тоа, а многумина сè уште не веруваат дека тие се навистина мртви, вклучително и членовите на семејството Бибас.

„Барам никој уште да не зборува за моето семејство (како да е веќе мртво). Ја одржуваме надежта 16 месеци и нема да се откажеме сега“, напиша тетката на момчето, Офри Бибас, на Фејсбук доцна во вторникот, по објавата на Хамас.

Израелските власти потврдија дека останките на четворицата заложници ќе бидат вратени во четврток, иако не ги наведоа имињата.

На почеток